Илиев на лето оди на заем за да има поголема минутажа?

Македонскиот репрезентативен голман Дејан Илиев многу веројатно во идната сезона ќе замине на заем во некој друг клуб, за да добие поголема минутажа на сениорски клупски план, најавуваат англиски медиуми.

Струмичанецот, кој од 2012 година е дел од Арсенал, сезонава беше прв избор во резервниот тим, есенва е трет голман на „топчиите“, но нема настап за првиот тим, а веќе ќе наполни 25 години и потребни му се минути на сениорски план за да фати уште поголем ритам.

„Илиев е прв избор за резервниот тим на Арсенал, имаше извонедни одбрани и настапи, но и настапи кои не се убедливи. Сепак, на ова ниво, јасно е дека му се потребни сениорски настапи и можно е Арсенал да се реши да донесе ветеран за трет голман, а Македонецот, како и Мет Мејси да бидат дадени на заем, а младиот Артур Оконково да добие шанса на голот на резервниот тим“, стои во анализата за голманите на лондончани.

Петр Чех заминува во пензија на крајот на сезоната, а емилијано Мартинез ќе се врати од заем во Рединг, па тој би бил втор избор за голман на „Емирати“, зад првотимецот Бернард Лено, кој летоска го засили Арсенал.

Илиев е македонски репрезентативец, кој имаше и голем пех две години да нема настапи поради повреди, а летоска потпиша нов двегодишен договор со „топчиите“. Тој од Беласица направи трансфер во Арсенал и беше дел од младинскиот погон, откако цела година го скенирале скаутите на Арсен Венгер.