И на Мијатовиќ му дојде преку глава: Винисиус само му прави штета на Реал

И покрај тоа што многумина го сметаат за еден од најголемите фаворити за Златната топка оваа година, Винсиус останува една од најиритантните фигури во светскиот фудбал.

Нова епизода од неговото недолично однесување беше прославата на голот од пенал на синоќешниот меч против Сосиедад. Иако беше невидлив цел натпревар, Бразилецот погоди од пенал и потоа ја замолкнуваше публиката со прстот на уста. Тоа се коси со неговите поплаки за расистички навреди од трибините и кампањата што ја води против Шпанија како расистичка држава, а не им се допаѓа ни на поранешните играчи на Реал. Меѓу нив и Предраг Мијатовиќ кој отворено застана против тактово однесување на Винисиус.

„Тој му прави само штета на Реал, фрла камења на својот покрив. Знае во каква ситуација е, а дополнително ја провоцира публиката. Знам дека и на навивачите на Реал не им се допаѓа тоа негово однесување“, изјави Мијатовиќ.

Пред крајот на минатата сезона Винисиус плачеше на една прес-конференција порачувајќи дека сака само да игра фудбал, а веќе на следниот натпревар клоцаше противнички играчи и ја провоцираше публиката. Минатата недела изјави дека на Шпанија треба да ѝ биде одземена организацијата на Светското првенство во 2030 година бидејќи е расистичка земја на што реагираа голем број шпански фудбалери, како и премиерот.