Револуција кај „кариоките“: Анчелоти избрка дури 16 фудбалери што играа на Мундијалот
Од 26 повикани фудбалери, само десет се играчи кои беа дел од составот на Светското првенство. Новиот список е комбинација од неколку искусни репрезентативци и голем број млади фудбалери кои треба да го носат бразилскиот тим во иднина.
Особено впечатлив е бројот на дебитанти. Анчелоти повика осум фудбалери кои досега немаат настап за сениорската репрезентација, меѓу кои се голманите Педро Мориско и Отавио, дефанзивецот Артур Диас и младите Бренo Бидон и Габриел Бонтемпо. Италијанецот направи промени и меѓу најискусните имиња. Во составот ги нема ветераните како Нејмар, Касемиро и Алисон, додека Анчелоти продолжува да се потпира на играчи како Винисиус Жуниор, Рафиња, Маркињос и Габриел Магаљаеш.
Просечната возраст на репрезентацијата значително е намалена – од околу 28,8 на 24,4 години, што јасно покажува дека Анчелоти сака да изгради нов тим со поглед кон следниот голем циклус и Светското првенство во 2030 година. Првите проверки на новиот Бразил ќе дојдат во пријателските натпревари против Австралија и Индија. Анчелоти така ја започнува својата „револуција“ со која сака да создаде нова генерација на „кариоките“, но притоа да ја задржи поддршката од неколку искусни лидери.