Хулигани со факели и чадни бомби го нападнаа домот на директорот на Јунајтед (ВИДЕО)

Повеќе десетици маскирани хулигани ноќеска го нападнале домот на извршниот директор на Манчестер Јунајтед, Ед Вудвард, во чиј двор фрлиле запалени факели и чадни бомби.

Според англиските медиуми, нападот е дело на таканаречената група „Момци во црно“, кои долго време се против управата на „ѓаволите“ и американските сопственици на клубот. Нивниот револт кулминирал по неодамнешниот пораз од Барнли (0-2) на домашен терен, а нападот доаѓа во пресрет на денешната реванш-пресметка против градскиот ривал Сити во полуфиналето од Лига Купот. „Граѓаните“ во првиот меч славеа со 3-1.

„Клубот знае за нападот на домот на еден од нашите вработени и веруваме дека на лицата кои учествуваа во овој инцидент ќе им биде забрането да ги гледаат мечевите на Јунајтед. Прво поради своето мислење, а второ поради криминалното однесување и загрозување на живтот“, се вели во соопштението на Јунајтед.

Хулиганите скандирале „Вудвард да умре“, сметајќи го како марионета на газдите од САД, чиј основен интерес не е успехот на клубот туку личната заработка.