Гвардиола откри зошто се премисли и го продолжи договорот со Сити!

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, потврди дека ја продолжува соработката со клубот за уште две сезони, ставајќи крај на шпекулациите за неговото заминување.

Тој потоа откри зошто се премислил со оглед што изминатиов период најавуваше дефинитивно заминување од овој клуб.

„Размислував многу од почетокот на сезоната и мислев дека ова ќе ми биде последна година тука. Но, проблемите што ги имавме последниот месец ме убедија дека сега не е вистинското време да си заминам. Не сакам да го оставам клубот на цедило“, изјави шпанскиот стратег.

Гвардиола истакна дека низа од четири последователни порази го навела да ја преиспита својата одлука, додавајќи дека и клубот посакувал да остане.

„Сметам дека и клубот верува во мене, а тоа беше одлучувачко за мојата одлука да потпишам нов договор,“ додаде тој.

Иако Манчестер Сити неодамна го загуби влијателниот директор Чики Бегиристајн, Гвардиола увери дека менаџерската стабилност е обезбедена со новиот договор.