Готово е: Мота ја напушта Болоња, следна станица - Јувентус

Она што се шпекулираше подолго време, денеска доби потврда откако Тијаго Мота го известил раководството на Болоња дека не планира да остане на клупата и идната сезона.

Веднаш потоа клубот излезе со официјално соопштение во кое ја објави одлуката на тренерот и му посака многу среќа во иднина.

„Утрово Тијаго Мота имаше состанок со раководството клубот и ја изрази својата намера да не го продолжи договорот со Болоња. Имајќи ја предвид таа одлука, клубот му се заблагодарува за одличната работа и му посакува среќа во натамошниот дел од кариерата“, стои, меѓу другото, во соопштението од Болоња.

Мота оствари историски резултат со овој тим ако се знае дека успеа да го однесе во Лигата на шампионите, првпат откако елитното европско натпреварување го носи тоа име. Одамна се зборува дека тој ќе биде нов тренер на Јувентус и само се чека потврдата од Торино која најверојатно ќе излезе по одигрувањето на последното коло од Серија А, претстојниот викенд.