Германски клуб им забрани на своите навивачи да скокаат
Имено германскиот второлигаш донесе одлука да го забрани организираното и ритмичко скокање на источната трибина на „Рурштадионот“, откако стручниот преглед на објектот покажал дека ваквото навивање предизвикува значително поместување на конструкцијата.
Иако инженерите утврдиле дека стабилноста и носивоста на трибината не се доведени во прашање, вибрациите создадени од масовното скокање можат да предизвикаат физичка непријатност и мачнина кај гледачите кои не се навикнати на такви движења.
Од Бохум појаснија дека навивачите и понатаму ќе можат слободно да слават и да скокаат при постигнување гол. Забраната се однесува само на континуираното и однапред организирано скокање кое создава поголем ефект.
Новото правило ќе важи од следниот натпревар и ќе ги опфати секторите со стоечки места. Навивачите кои нема да го почитуваат може да предизвикаат сериозна последица, градските власти би можеле да ја затворат целата источна трибина.
Тоа би значело дека Бохум на домашните натпревари би можел да остане без поддршката од дури 10.000 свои навивачи. Забраната ќе остане во сила до завршувањето на планираната реконструкција на трибината, која треба да биде реализирана до 2028 година.
Ова не е првпат германски клуб да се соочи со ваков проблем. Слична мерка во 2016 година воведе и Магдебург, токму поради прекумерните вибрации предизвикани од навивачите. Забраната во Магдебург траеше три години, а беше укината откако стадионот дополнително беше зајакнат.