Германија остана без Тер Штеген за Европското првенство

Голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген преку социјалните мрежи потврди дека нема да може да игра за Германија на претстојното Европско првенство. 

Тој во четврток ќе оди на операција на коленото, што ќе му биде извршена во Малме, Шведска. 

„Тажен сум што ќе го пропуштам Европското првенство и за прв пат по многу години ќе бидам навивач за мојата земја од дома. Се надевам дека ќе го освоиме пехарот“, напиша Тер Штеген.

Се очекува голманот целосно да се рехабилитира за стартот на следната сезона. Германија не треба да се грижи премногу поради отсуството на Тер Штеген со оглед на фактот дека тука се Мануел Нојер и Бернд Лено, кои исто така се голмани од светска класа.