Гатузо: Дресот на Милан е светост, не смееме вака да го посрамотиме

Џенаро Гатузо со право беше разочаран од играта на неговите фудбалери синоќа против Беневенто во поразот од 0-1 на „Сан Сиро“ во рамки на Серија А.

„Росонерите“ иако во 2018 повеќе од три месеци немаа пораз, сега на последните шест натпревари не знаат за победа. Формата тргна во надолна линија од поразот од 3-1 од Јувентус, што реално е и последниот добар натпревар што го одигра Милан и покрај негативниот резултат.

„Ги предупредив фудбалерите дека ќе имаме проблеми, што им вреди сега дека се тажни, требаше на тоа да мислат многу порано“, изјави Гатузо на пресот по натпреварот.

Италијанецот признава дека формата е во надолна линија и им се извини на навивачите, откако испадна дека Беневенто без многу мака дојде до трите бода.

„Јас сум прв одговорен за резултатите. Кога добро ќе го анализираме натпреварот, секое алиби паѓа во вода. Кога играш против тим како Бенвенто, кој и покрај тоа што е 'фенерџиј' игра добар фудбал, не можете да играте без одлучност и без душа. Ние практично го скокоткавме нашиот противник, не бевме воопшто опасни. Им се извинувам и на навивачите, бидејќи ние го носиме светиот дрес и не смееме да имаме вакви срамотни натпревари. Бевме празни. Јас не можам пред јавноста да зборувам невистини. Очигледно е дека се мачиме. Противникот дури и не мораше премногу да се потруди за да не победи, а сигурно дека не можеме да кажеме дека немаме мотив веќе во Лигата, бидејќи се бориме за Лигата на Европа. А впрочем и Милан е тим кој секогаш мора да оди на победа“, истакна тренерот на „росонерите“.