„Фудбалот сѐ повеќе пропаѓа – невидена комерцијализација за сѐ полош продукт!“

Менаџерот на англиски Лидс, Марсело Биелса, доскорешен шеф на македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски смета дека фудбалот екстремно назадува како продукт кој треба да ги привлече широките народни маси, иако сѐ поголема е комерцијализацијата на најважната споредна работа на светот

Биелса посочува дека пренатрупаниот календар и немањето простор за развој и подготовка доведува до назадување во квалитетот на фудбалот, а посебно ја посочува глупоста со само десет дена подготовка за националните селекции пред Светското првенство во Катар догодина, кое првпат ќе се игра во зима, од 21 ноември до 18 декември.

„Премиерлигата ќе даде половина од фудбалерите кои ќе играат на Светското првенство, а лигата ќе биде прекината десет дена пред стартот на Мундијалот?! Светското првенство е најпосакуваното нешто во фудбалот, за фудбалерите, за тренерите, за навивачите, а што ќе добијат сите – минимален период за подготовка. И секое следно СП станува сѐ полошо. Мундијалот е спектакл кој се игра на четири години, но да го правите сѐ полошо и полошо – нема поента!“, вели Биелса.

Тој потенцира дека луѓето што го водат фудбалот ги интересираат само парите, зашто уште од Мексико во 1986 година, играчите се жалеа на високите температури во термините во кои се играа мечевите, ама одговорот од ФИФА беше – фокусирајте се на тоа за што сте платени.

„На СП во Мексико фудбалерите се жалеа на високите температури кога трбаше да играат и одговорот кон нив беше – дека требало да се фокусираат за тоа што се платени. Тоа е точно, секој од нас има мислење што треба да прави(ме), а многупати сите нешто повеќе зборуваме од тоа што треба, ама на крајот се поголема е жалта кај мене кога гледам дека фудбалот сѐ повеќе пропаѓа“, додава Биелса.

И во ек кога ФИФА заговара СП на две години, кога бројот на учесници од 2016 година ќе се зголеми на 48 наместо досегашните 32, Биелса не ја гледа поентата за нешто кое како севкупен продукт не е најдобар, а толку е искомерцијализиран.

„Тоа што е јасно е дека календарот е пренатрупан и никој не размислува на развој или подготовка. Затоа јас многу се сомневам дека светла е иднината на професионалниот фудбал, зашто тој станува сѐ покомерцијален, а финалниот продукт е сѐ полош. Сѐ се сведува на продажба на повеќе мечеви, ама се игнорираат деловите за подобри услови да испорачаат подобри резултати. И јас не ја гледам смислата да се мултиплицира комерцијализацијата на продукт кој оди само во надолна линија, сѐ полош и полош е“, потенцира Биелса.