ФИФПро застана во одбрана на Елмас и фудбалерите на Наполи

Наполи ги казни своите фудбалери со повеќе од 50 отсто од нивната месечна плата поради тоа што не ја испочитуваа наредбата на претседателот Аурелио де Лаурентис да минат една недела во карантин во тренинг-кампот. 

Првиот човек на клубот беше незадоволен од игрите на фудбалерите и им нареди еднонеделен карантин. Сепак играчите по натпреварот со Салцбург на домашен терен решија да си заминат во своите домови наместо во тренинг-центарот. Тоа го налути Де Лаурентис кој изрече драконски казни.

Во одбрана на фудбалерите на Наполи застана светскиот синдикат на фудбалери „ФИФПро“, кој понуди и правна помош. Оваа организација смета дека фудбалерите на Наполи се неправедно тренирани и им се погазени нивните работнички права.

„ФИФПро смета дека одлуката на Наполи за казна на фудбалерите, кои одлучија да си заминат дома кај своите семејства по натпреварот со Салцбург е едноставно неправедна. Како и секој вработен, така и фудбалерите имаат право на приватен живот, особено ако се знае дека поради згуснатиот распоред на натпревари, многу фудбалери се надвор до дома подолго време. Основата на која Наполи сака да ги наметне казните, бидејќи играчите се спротивставиле на нерезонски барања на клубот, е против колективниот работнички договор во Италија. Фудбалерите на Наполи не можат да бидат предмет на казни само затоа што резултатите на клубот не се задоволувачки. Карло Анчелоти и неговиот стручен штаб се единствено одговорни за менаџирање на своите фудбалери. Техничките работи не се дел од обврските на клупските директори, па затоа Анчелоти и играчите на Наполи ја имаат целата наша подршка и секако ако им е потребна правна помош им ја ставаме на располагање. ФИФПро заедно со Асоцијацијата на професионални фудбалери во Италија стојат во одбрана на фудбалерите во било каква ситуација на злоупотреба и заплашување“, стои во соопштението на ФИФПро.