ФИФА образложи зошто Сити не доби забрана за трансфери – се извиниле, па им простиле!?

Англискиот првак Манчестер сити мина само со парична казна од ФИФА за неправилни трансфери, па не ја доживеа судбината на Вардар и Челси, кои два преодни рокови не смеат да купуваат, иако светската организација во процесот против „граѓаните“ утврди дека се виновни за кршењето на правилата.

Сити ќе плати 370.000 швајцарски франци за прекршување на правилата за трансфери на малолетници, за разлика од Челси, кој доби казна од два преодни рока за истиот прекршок. И во Англија сите останаа збунети зошто ФИФА за едни е мајка, а за други маќеа, при ист проблем.

ФИФА сега образложи зошто Сити не е казнет како Челси.

Звучи и банално и чудно, ама „граѓаните“ прифатиле одговорност за прекршокот и тоа им било земено в предвид, па затоа и избегнале остра санкција.

„Генерално ако зборуваме, ФИФА и нејзините тела немаат шаблон за одлучување, туку секој случај го третираат како посебен, индивидуален и врз база на одредени факти.. Во одлуката за Сити, дисциплинската комисија во обзир ги земала сите специфични факти, како и клупската кооперативност за да се расчистат некои дилеми и факти. Мора и е многу важно да се расчисти дека специфичните делови за случајот се различни од претходните случаи во кои се прекршени одредби за интернационални трансфери на фудбалери помлади од 18 години. Имајте в предвид дека членот 50, алинеа 8 од дисциплинскиот правилник од 2019 година, предвидува дека делумно може да се прифати одговорност како барање до органот пред исрекување на одредена санкција. Дисциплинската комисија во тој случај, врз база на такво барање може да донесе одлука која соодетствува со случајот. Според членот 24, кога се одредува дисциплинска мерка, органот може да земе в предвид и други релевантни фактори за случајот, вклучувајќи и кооперативност од прекршителот за да го одреди степенот на одговорност. Како заклучок, Сити прифати одговорност и таа одговорност дисциплинската комисија ја зема в предвид при донесувањето на одлуката“, рекоа од ФИФА.