Елмас во Неапол за пет години ќе заработи 7,5 милиони евра!

Македонскиот бисер Елиф Елмас денеска во Рим треба да ги помине рутинските лекарски прегледи, по што ќе го потпише договорот со италијанскиот вицепрвак Наполи тежок 7,5 милиони евра за следните пет години.

Елмас под Везув доаѓа за македонски рекорден трансфер, но и рекорд на Фенербахче, откако денеска излегоа деталите од договорот според кој истанбулскиот клуб ќе заработи сто пати повеќе од тоа што инвестираше во младиот фудбалер пред само две години кога го купи од скопски Работнички.

Македонскиот репрезентативец со Наполи ќе потпише петгодишен договор, според кој ќе има прогресивно зголемување на платата за 100.000 евра за секоја сезона. Така во актуелната од доаѓањето Елмас ќе има плата од 1,3 милиони евра, а до последната сезона според договорот 2023/24 ќе стигне до 1,7 милиони евра годишно. Што значи дека севкупно за пет години ќе има 7,5 милиони евра или во просек од 1,5 милиони заработка од Наполи.