Елмас пред враќање во Турција - во најголемиот ривал на „неговиот“ Фенербахче!

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас би можел повторно да заигра во првенството на Турција ако ја прифати понудата која на негова адреса стигнала од актуелниот шампион на оваа земја Галатасарај.

Преодниот рок во турскиот фудбал завршува утре, па гигантот од Истанбул се обидува дополнително да ги засили своите редови со играчот кој ѝ е одлично познат на публиката во земјата. Елмас беше член на најголемиот ривал на Галатасарај, Фенербахче во периодот од 2017 до 2019 година и за двете сезони забележа 47 настапи во сите натпреварувања и постигна четири гола.

Оттаму се пресели во Наполи, а минатата зима замина во Лајпциг каде не ја доби очекуваната шанса, поради што стагнираше и со својот играчки развој. Галатасарај и Лајпциг веќе стапиле во контакт и преговараат за евентуалниот премин на македонскиот играч, можно е Елмас да се врати во Истанбул како позајмен до крајот на оваа сезона, а потоа Турците да го откупат неговиот договор.