Директорот на Наполи потврди: Брзо ќе го финализираме новиот договор со Елмас!

После најавите на италијанските медиуми дека Наполи подготвува нов договор за македонскиот бисер Елиф Елмас со кој ќе го врзе до 2025 година, спортскиот директор на наполитанците Кристијано Џунтоли експресно после победата во Џенова потврди дека многу брзо очекува новата соработка да се официјализира.

Иако Елмас е само една сезона во Неапол, а веќе има и еден трофеј во Купот на Италија, брзо ги освои симпатиите и на раководството, а и на навивачите, а сето тоа го потврди и вчера во „македонската пресметка“ со Џенова во која ВАР му поништи гол, но сите беа импресионирани од неговиот настап посебно во првото полувреме кое беше оценето како „брилјантно“.

„Работниме на продолжување на договорите со Елмас, Ди Лоренцо, Марио Руи, Зиелински и Максимовиќ. Планот е многу брзо да ги финализираме“, објави Џунтоли.

Елмас дојде во Неапол ланското лето за македонски рекорд од 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче, каде член беше две години.