Димитриевски за војната во 2001: Среде ноќ го земаа татко ми да ја брани Македонија!

Македонската „единица“ Столе Димитриевски, кој минатиот месец го достигна легендарниот Петар Милошевски со 60-от настап за Македонија, првпат за шпанските медиуми проговори за ужасната 2001 година и војната во Македонија, откако го мобилизирале неговиот татко.

Димитриевски е роден во Куманово, а кумановскиот регион беше еден од жариштата на воените дејствија, кои траеа скоро една година, па македонскиот голман морал да се пресели во куќата на неговата баба зашто било посигурно.

„Војната? Се сеќавам дека двајцата чичковци дојдоа во нашата куќа и го земаа татко ми. Бев во дневната соба, беше ноќ и беше многу компликувано. Дојдоа со некаков лист хартија кој беше задолжителна наредба и го одведоа да ја брани татковината. Тоа беше голем шок за цело семејство и ние потоа отидовме во куќата на мојата баба, зашто таму беше посигурно. Македонија многу патеше, но денеска има простор за напредок и раст“, вели Димитриевски во интервју за „Ла разон“.

Тешка била таа 2001 година, во која многу малку голманот го гледал својот татко кој бил мобилизиран.

„Тој период траеше скоро една година и татко ми го видов неколкупати. Бев мал, но гледав тенкови и тоа беше шок за мене. Беше тешко, зашто знаеш дека нешто не е во ред. Но, татко ми имаше среќа зашто не беше во најопасните подрачја. Животот многу ни се смени во тој период. Во спортот немав толку тешки периоди, зашто веќе искусив потешки. И ги прифатив, преминав над нив и продолжив со мојата цел. Мојата цел не беше да живеам од фудбалот, туку на семејството да му овозможам подобар живот. Тоа беше моја главна цел. На 17 години потпишав за Удинезе, потоа заминав на заем во Гранада, па Кадиз, го учев јазикот, се прилагодував и излезе тоа многу брзо. Не наидов на некои големи тешкотии“, додава Димитриевски.