Димитриевски: Не знам дали ќе останам во Валенсија, тоа зависи од клубот
Тимот од Местаља имаше шанса да се пласира дури и во европските купови иако во голем дел од првенството се бореше за опстанок во Ла Лига. На крајот не му одеа во прилог резултатите на ривалите, но сепак фудбалерите ја вратија надежта дека некогашниот шпански првак и европски вицешампион ќе се врати на старите патеки.
„Штета е. Се боревме до самиот крај. Ја победивме Барса, но не се квалификувавме во европските купови поради другите резултати. Одигравме добар натпревар, работевме напорно, се боревме вредно и напаѓавме. Штета е што не беше доволно за да се квалификуваме за Европа, бидејќи тоа го заслужуваат навивачите.

Тимовите што се пласираа за европски натпреварувања играат конзистентно во текот на целата сезона. Нашата втора половина од сезоната беше многу добра, но треба да се подобриме во првата половина за да најдеме рамнотежа и да завршиме на европски позиции“, рече Димитриевски по завршувањето на синоќешниот натпревар.
Тој се осврна и на своите настапи на голот на Валенсија каде доби шанса во вториот дел од сезоната, благодарение на повредата на првиот голман Агиресабалага.
„Оваа втора половина од сезоната беше мојот најдобар настап во Ла Лига. Благодарност до Маркос, бидејќи работевме многу напорно во секое време, дури и кога беше тешко. Тој ме поттикна да се подобрам. Прикажавме одличен настап, како што заслужуваат навивачите“, додаде македонскиот голман.

Во текот на вчерашниот ден се појавија шпекулации дека Димитриеввски би можел да ја продолжи кариерата во тимот на Олимпик Марсеј.
„Прашањето дали ќе останам во Валенсија не зависи од мене, туку од клубот. Јас сум воодушевен овде, работам напорно откако дојдов и постојано се трудам. Од јануари добив можност да бранам и мислам дека помогнав во добриот резултат. Не знам ништо за Марсеј, но веројатно наскоро ќе се знаат некои работи“, заврши Димитриевски.
Најголем дел од својата кариера, дури 14 години, тој помина во шпанскиот фудбал. Бранеше за Гранада, Кадиз, Гимнастик, Рајо Ваљекано и од 2024 година за Валенсија.