Дејан Илиев станува втор голман на Арсенал?

Македoнскиот репрезентативен голман Дејан Илиев можно е денеска на отворањето на новата сезона во Премиерлигата, да биде резервен чувар на мрежата на лондонски Арсенал, најави англиски портал, откако во моментов Микел Артета го има само струмичанецот како бекап за „единицата“ во оваа сезона Бернд Лено.

Илиев откако заврши со заемот во полска Јагелонија, во изминатиов период си се врати на тренинзите кај „топчиите“ со кој има договор до 2022 година и во исчекување на разврска со неговиот статус, дали ќе оди на нов заем, дали ќе биде продаден или ќе остане член на гигантот од „Емирати“.

Арно ама во последните два дена Емилијано Мартинез, кој беше втора опција по пензионирањето на Петер Чех, сега според најавите е пред трансфер во Астон Вила или Брајтон за најмалку 15 милиони фунти и поради тоа не е во конкуренција за денешниот воведен меч во малото лондонско дерби со Фулам на гости.

Поради ова Илиев излегува во прв план како резерва на Лено, зашто стандардниот трет голман Мат Мејси вчера попладне бранеше за тимот до 23 години и тешко за очекување е дека за неполни 24 часа би бил на два меча, иако таква одлука не би изненадила никого. Но, порталот посочува дека и Мејси е во потрага по клуб, па поради тоа Илиев, како најискусен од останатите, би можел да добие шанса и денеска, ама и во остатокот од сезоната и да биде прва резерва кај „топчиите“.

Останува да се види дали Микел Артета ќе се реши за Илиев како резерва или за некој друг, а во опција се и двајца тинејџери, Артур Оконово, кој има 19 години и младинскиот репрезентативец на Англија до 18 години, Карл Хајн.

Инаку Илиев е дел од Арсенал од 2012 година, кога како екстра талент замина од Беласица во Лондон, а во изминатата сезона играше на шестмесечни заеми прво во словачки Серед, а потоа и во полска Јагелонија. Претходно беше голман во младинските тимови и прв избор за тимот до 23 години, ама имаше и еден период од две години со проблеми со повреди, поради кои не беше дел од златната генерација на младнската селекција на Македонија која играше на Евро 2017.

Ако Илиев се најде во составот на Арсенал, тоа за него ќе биде четврти меч на кој бил дел од првиот тим на „топчиите“, ама првпат во Премиерлигата. Илиев лани во Баку беше трет голман и седеше на клупата за резерви, па освои сребрен медал од финалето во Лига Европа во поразот од Челси, зашто на финалињата во европските купови е дозволено да се пријават 23 фудбалери (три голмани) за завршната пресметка за трофејот.