Даниел Малдини: Ми се оствари сонот да заиграм за Милан

Вчера на дуелот помеѓу Милан и Верона неочекувано шанса за деби настап доби младиот Даниел Малдини. 

Наследникот на Паоло и Чезаре влезе во самиот финиш од натпреварот на „Сан Сиро“ на кој на „росонерите“ им требаше погодок за победа. Даниел немаше можност да блесне и да покаже што знае, но сепак е благодарен што дебитираше за сениорскиот тим.

„Ми се оствари сонот, само штета за резултатот (1-1). Дебито за Милан беше една од моите најголеми цели и сега се надевам дека ќе продолжам и подобро во иднина. Тоа беше емотивен момент за мене, но мојот татко знае како да ми помогне во сомнежите и несигурноста“, изјави Даниел.

Тој е трета генерација од семејството Малдини што игра за првиот тим на Милан. Прво неговиот дедо Чезаре остави голем белег во историјата на клубот како играч и како тренер, а потоа и неговиот татко Паоло, кој цели 22 години го носеше дресот на „росонерите“ и во најголем дел беше и капитен на тимот.

Паоло моментално е директор на Милан, но вели дека не очекувал неговиот син да добие шанса против Верено.

„Не беше планирано, тој воопшто не требаше да биде ниту во составот, бидејќи не тренираше неколку дена и беше вметнат во составот во последен момент. Немав многу време да бидам емотивен, бидејќи бев внесен во натпреварот. Гледајќи на тој момент сега, тоа е прекрасно нешто за нашето семејство и секако им благодарам на навивачите кои го прифатија со многу љубов“, изјави Паоло Малдини.