Далечинските во рака викендов: Спектакуларни дербија ќе ја „тресат“ Европа и Балканот!

После двенеделна пауза поради третта рунда на евроквалификации за пласман на континенталниот собир догодина низ Европа, клупскиот фудбал повторно се враќа на сцена и повторно за фудбалските фанатици претстои викенд за – уживање. Нови спектакли, низа градски дербија се на програмата денеска и посебно утре, па тие што сакаат да уживаат во фудбалски пресметки и страшна атмосфера – далечинските в рака.

Сè почнува денеска со миланската пресметка на великаните Милан и Интер на „Сан Сиро“, како најава за неделната фантастична програма во која и Балканот ќе се тресе, зашто се игра белградското вечно дерби, како и две грчки дербија – битки за Солун и Атина. А, шлагот веројатно е премиерлигашкиот спектакл во Лондон, Челси – Ливерпул.

МИЛАН – ИНТЕР (денеска, 20.45 часот)

„Дерби дела Мадонина“ е градската пресметка на миланските великани, нивна 295-та во историјата (224-то официјално) во кое Интер има улога на фаворит поради далеку посилниот тим составен со многу потрошени милиони евра. Но, како и за секое дерби и ова ќе донесе резултат според моменталната инспирација и мотивација, а секако фаворитот на хартија секогаш не победувал. Интер разочара во ЛШ (едвај 1-1 со Славија Прага), ама и Милан е далеку од вистински гигант – досега едвај победени Бреша и Верона (со по 0-1) и пораз со ист резултат од Удинезе.

ПСВ – АЈАКС (недела, 16.45 часот)

Феенорд е втор најдобар клуб во Холандија, а нивното дерби со најтрофејниот Ајакс е „Класикер“, ама ротердамскиот клуб од поодамна не е ни близу врвот во Холандија, која има „Нов Класикер“ во пресметката на ПСВ и Ајакс, двата гиганти кои лани водеа мртва трка до последен здив за титулата. Ова е 168 дерби, Ајакс има 72 победи, дури 15 повеќе од „филипсовци“ и ова е ново дерби за прво место. Имаат исто бодови, а повторно ги дели само гол-разликата.

ЧЕЛСИ – ЛИВЕРПУЛ (недела, 17.30 часот)

Реприза на Суперкупот на Европа, пресметка на освојувачитена Лига Европа и Лигата на шампионите. Сега на „Стемфорд бриџ“, како прв најголем испит на „црвените“ по максималните пет победи во пет меча досега во најсилното островско натпреварување. Во Истанбул ремизираа 2-2, а Ливерпул дојде до трофејот со победата на пенали со 5-4, па јасно е дека тимот на Јирген Клоп ќе има сериозен ривал и утре. Ливерпул на хартија е фаворит, ама во последните 17 меча, Челси има повеќе победи (седум) во однос на Ливерпул (четири)

ПАОК – АЕК (недела, 17.30 часот)

Битка за Солун по 135-ти пат. Кога станува збор за Грција, дербијата се секогаш претемпераментни, многу страстни, но и проблематични со инциденти, прекини... Посебно кога домаќин е ПАОК на својата „Тумба“. Црно-белите се апсолутни фаворити за победа, но Арис се надева дека ќе ги расплака црно-белите. Традцијата е на страна на ПАОК – 51 победа. Арис има 37

ПАРТИЗАН – Ц. ЗВЕЗДА (недела, 18 часот)

„Вечното дерби“ во Србија секогаш буди посебен интерес како на Балканот, така и во Македонија, а овојпат пресметката на Партизан и Црвена Звезда има предзнак на „европско вечно дерби“, поради настапот на двата гиганти во европските купови сезонава. Ова е 161 дерби, за кое атмосферата веќе кулминира, поради судиски лакрдии во изминатата недела во корист на црвено-белите и ултиматумот на дел од навивачите на Партизан дека ако има кражба фудбалерите да го нашуштат теренот. Барем според квалитетот, ова дерби би требало да биде едно од подобрите, но за тоа ќе треба да се погрижат и тренерите, а и фудбалерите. На трибините, пак, стандарден декор со надеж дека сè ќе мине без неизбежните инциденти.

ПАНАТИНАИКОС – ОЛИМПИЈАКОС (недела, 19.30 часот)

Два часа после солунското дерби на ред е и најголемото дерби на Атина – Панатинаикос против Олимпијакос. Фудбалски од поодамна не е дерби, зашто тимот од Пиреа е доминантен во однос на зелено-белите. Го викаат уште дерби на „вечните непријатели“, мечеви кои секогаш се на раб на инциденти и прекини. Без оглед во кој спорт да се сретнат – фудбал, кошарка, одбојка, ватерполо... Ова дерби е 196-то по ред, а Олимпијакос е убедлив со 80 победи, наспроти 50-те на ПАО. Олимпијакос е апсолутен фаворит зашто има три победи во три меча досега, а Панатинаикос едвај – еден.

ЛИОН – ПСЖ (недела, 21 часот)

Едно од дербијата со најмала традиција, но поради големите инвестиции во парискиот клуб, секое гостување на „светците“ е посебно дочекано на нож и тоа од далеку пославни клубови во Франција. Лион е поранешен седумкратен првак по ред, кој го препушти приматот, ама овој клуб и понатаму има тим за највисок пласман и за битка со ПСЖ. Парижаните се фаворити, ама на последните два гостувања на „Жерлан“ двапати губат и тоа идентично со по 1-2.