Даде гол против Милан и веднаш си заработи трансфер на „Сан Сиро“ (ФОТО)

Јенс Петер Хауге од денеска ќе биде нов фудбалер на Милан. Фудбалерот на Бодо/Глимт минатиот четврток играше против „росонерите“ во Лигата на Европа и откако имаше фантастичен настап веднаш си заработи трансфер на „Сан Сиро“. 

Младиот крилен напаѓач имаше асистенција и постигна прекрасен гол во поразот на норвешкиот тим од 3-2. Челниците на Милан беа воодуешевени од играта на 20-годишниот Норвежанец и веднаш го доведоа во своите редови.

Хауге синоќа беше на аеродромот во Бодо и чекаше лет за Милано, каде даде изјава за тамошните медиуми.

„Едвај чекам да играм со Златан Ибрахимовиќ. Тој е во врвот на светскиот фудбал долго време и ќе се обидам да научам што е можно повеќе од него. Го следам и му се восхитувам. Ако успеам да направам кариера барем половина од неговата би бил пресреќен“, изјави Хауге.

Фудбалерот ќе премине во редовите на Милан за 4 милиони евра, а денеска треба да ги мине медицинските прегледи пред да го потпише договорот. Тој е стандарден младински репрезентативец на Норвешка, а сега доби повик и за сениорската селекција за октомвриските натпревари.