Чуден распоред во Ла Лига: Во 14 кола, Барса само пет пати била домаќин

Пред неколку години, раководството на Ла Лига одлучи да го тргне конвенционалниот распоред во шпанското првенство според кој екипите секое коло се менуваа дома-гости и вториот дел од шампионатот беше пресликан на првиот.

Оттогаш се игра без некаков ред, па на пример реваншите од 11. коло, во кое се сретнаа Реал и Барселона, се на програмата во 35. коло, место во 30. Таквиот начин на функционирање на лигата донесе неправилна распределба на натпреварите во почетната фаза од првенството и може да се забележи неприроден сооднос на дуелите на домашен и гостински терен.

Во моментов, тој е најизразен кај Барселона која синоќа во Виго го одигра деветтиот натпревар како гостин оваа сезона. Со оглед на тоа што станува збор за 14. коло од шпанското првенство, ова значи дека каталонскиот клуб досега само пет пати бил домаќин. До крајот на првата полуетапа нема многу да се смени бидејќи тимот на Ханси Флик три пати игра на домашен терен, а два пати гостува.

Ниедна друга екипа во Ла Лига не гостувала девет пати во првите 14 кола, но од страна има екипи кои досега осум пати беа домаќини како што е случајот со Селта и Гетафе.