Бонучи му „пресуди“ на Монтела, велемајсторија на Коларов за три бода на Рома (ВИДЕО)

Само прашање на време е кога Винченцо Монтела нема да биде веќе тренер на Милан, бидејќи росонерите по трите порази во серија, денеска одиграа без голови против Џенова. Рома им се врати на победите, а херој беше Александар Коларов.

Милан важеше за голем фаворит против Џенова која во претходните осум кола освои само пет бода, но црвено-црните ниту ваков противник не можеа да совладаат.

Имаа повеќе од играта, создадоа повеќе шанси за гол, но залудно кога изостана и реализацијата. На ваквиот исход во голема мера му кумуваше и Леонардо Бонучи, кој уште во 25-та минута од натпреварот заработи директен црвен картон и го остави својот тим на цедило. По новиот кикс, Монтела во секој момент може да заработи отказ.

По поразот во минатото коло од Наполи, екипата на Рома им се врати на победите откако славеше на денешното тешко гостување кај „биковите“ во Торино. Гостите од Рим славеа минимално, со ефектниот погодок на Коларов постигнат во 69-та минута од натпреварот.  

Фиорентина беше убедлива на гости кај Беневенто со 3-0, а Сасуоло и Аталанта славеа минимални победи СПАЛ, односно Болоња. 

Серија А, 9-то коло:

Милан - Џенова 0-0
Аталанта - Болоња 1-0
Беневенто - Фиорентина 0-3
СПАЛ - Сасуоло 0-1
Торино - Рома 0-1

Табела: Наполи 25, Интер 23, Јуве 19(-1), Лацио 19(-1), Рома 18, Сампдорија 15(-1)...