Биелса го испофали Алиоски: Конечно игра одлично и во одбрана и во напад – со многу енергија!

Аргентинскиот стратег на англиски Лидс, Марсело Биелса не го криеше воодушевувањето од начинот на кој игра македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски во последно време, а посебно на последниот меч со Бирмингем, кој Лидс го доби со 1-0 во мечот на кој се славеше вековното постоење на клубот.

Алиоски сезонава веќе даде три гола за Лидс, стандарден е во првиот тим откако ги пропушти како „резерва“ воведните неколку меча, но Биелса е посебно задоволен како левиот бек, кој игра и како крило во текот на мечот игра во последниве две недели. Аргентинецот бил воодушевен од настапот за Македонија во Варшава против Полска, а истото сега го видел и против Бирмингем.

„Џани игра со многу енергија. Долго време му требаше, ама сега игра извонредно и во одбрана и во напад. Многу се брани, многу напаѓа и добро ја спојува одбраната со нападот. Тој имаше извонреден меч против Полска, а долго време му требаше за такво нешто. И сега повторно тоа го покажа и против Бирмингем, повторувајќи го настапот од Варшава“, вели Биелса.

Менаџерот на Лидс е презадоволен од настапите на Алиоски, најмногу поради фактот што знае дека од македонскиот репрезентативец секогаш ќе добие сто отсто на теренот и никогаш нема да го види под максимумот во работата на тренинзите. Биелса го врати Алиоски како лев бек уште во пролетниот дел од минатата сезона, ама поради поголемиот посед на топка го користи како лево крило во офанзива и честопати сето тоа се враќа со голови од втор план.

Лидс вечерва има нов предизвик со гостување кај Престон (20.45 часот), а тимот на нашиот репрезентативец по 12 одиграни кола во Чемпионшил е второпласиран со 23 бода, два помалку од лидерот Вест Бромвич Албион.