Белингем: Загубивме со 3-0, а луѓето веруваат - тоа го има само во Реал!

Џуд Белингем е оптимист исто како и останатите во Реал Мадрид дека може да се надополни големата негатива против Арсенал и да се продолжи патот во Лигата на шампионите.

Пред кралскиот клуб е исклучително тешка мисија, да се вратат од три гола негатива по дебаклот на Емирати. Резултатот е тежок, но речиси никој не го отпишува Реал Мадрид.

Таквата енергија ја чувствуваат и фудбалерите, а неа ја пренесува Џуд Белингем.

„Ова е натпреварувањето на Реал Мадрид, неговата историја. Иако загубивме 3-0, луѓето веруваат дека можеме да се пласираме понатаму. Вакво нешто се случува само во овој клуб. Способни сме да одиграме на високо ниво, мора да веруваме во себе. Зборот ремонтада го слушнав оваа седмица барем милион пати. Тоа нè мотивира, станува збор за вечер како креирана за Реал Мадрид. На нашиот стадион владее неверојатна и заразна атмосфера, потребни ни се навивачите“, кажа Англичанецот.

Реал Мадрид е убедливо најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите. Во многу наврати низ историјата „кралевите“ се враќаа од бездната водени од неверојатната енергија.