Бартомеу: Бев навредуван, па дури и му се закануваа на моето семејство

Жозеп Мариа Бартомеу денеска официјално си поднесе оставка од претседателската функција во Барселона, а со него си заминуваат и сите директори од Управниот одбор на клубот. 

Во долго соопштение објавено на клупската интернет страница, Бартомеу зборуваше за она што се случувало во клубот и што сработил изминатите шест години откако е на чело на каталонската гордост.

Тој објасни дека не сакал да си замине од позицијата по поразот од Баерн Минхен од 8-2, бидејќи не сакал да го остави клубот на цедило. Бартомеу во март веројатно ќе беше сменет од претседателската фотеља на закажаните избори, па со оставката прифати подостоинствен пораз.

„Секогаш велев дека самокритиката не прави посилни и Барела секогаш излегувала од тешки моменти. Меѓутоа, она што го доживеавме во последните неколку месеци ги минува сите граници. Не ни беше покажана никаква почит, ниту мене, ниту на моите соработници од Управниот одбор, бевме навредувани, ни се закануваа, дури и на мене и на моето семејство“, рече Бартомеу.

Како една од неговите последни одлуки како претседател е прифаќањето на поканата за учество во Европската Суперлига.

„Управниот одбор ја прифати поканата во иднина да настапува во Европската Суперлига, проект кој го почнаа најголемите клубови во Европа. Деталите за овој проект ќе му бидат дадени на идниот Управен одбор, а конечната одлука за учество во натпреварувањето ќе мора да биде ратификувана од Собранието на клубот“, додаде Бартомеу.