Барса победи, ама одбраната ѝ е ужас - ја има најлошата серија во последните 12 години

Триумфот на гостувањето кај Селта ја врати Барселона во игра за шампионската титула во Ла Лига бидејќи негативата во однос на Реал сега изнесува само три бода.

Ако се знае дека во трите месеци од почетокот на сезоната Ханси Флик имаше огромни проблеми со повредени играчи, ваквата состојба на каталонскиот тим е одлична и покрај тоа што до крајот на годината има неколку тешки натпревари, почнувајќи од претстојниот, против Атлетик Билбао. Наскоро треба да се вратат некои од повредените играчи, а тоа можеби ќе влијае позитивно на најслабиот дел од екипата - одбраната.

Барселона и оваа сезона е најефикасна екипа во Ла Лига, со 32 гола, шест повеќе од Реал, но ситуацијата со дефанзивата е алармантна. „Каталонците“ се во серија од десет натпревари на кои примиле барем еден гол, а во овие десет меча, дури 18 пати се тресеше мрежата на Шчесни и Гарсија. Последен кој не успеал да ѝ даде гол на Барса е Гетафе (3-0), на 21 септември и со оглед на тоа што следното коло е на 22 ноември, ќе поминат два месеца откако тимот на Флик успеал да се одбрани.

Ова е најлоша низа на Барселона од март 2013 година кога екипата примаше барем еден гол на 13 натпревари по ред. Интересно е тоа што тогаш, сепак, ја освои шампионската титула во Ла Лига и тоа со 15 бода повеќе од Реал, но киксираше во Копа дел Реј и доживеа дебакл од Баерн во полуфиналето од Лигата на шампионите.

фото: EPA photo