Барса одби да плати 30 милиони евра: Рашфорд принудно се враќа на „Олд Трафорд“!
Тој беше достапен за 30 милиони евра според договорот за позајмица, но Барселона не била подготвена да ја плати бараната сума. Каталонците дури понудиле само половина од износот – околу 15 милиони евра, што раководството на Јунајтед веднаш го одбило. Според „Марка“, главната причина е што Барселона веќе обезбедила големо засилување во нападот – Ентони Гордон од Њукасл за 80 милиони евра. Шпанците сметаат дека Гордон подобро се вклопува во плановите на клубот поради неговата дефанзивна работа, која наводно е една од најслабите страни на Рашфорд. Дополнителен фактор е и разликата од четири години во корист на новото засилување.
Каталонскиот клуб во меѓувреме работи и на други големи трансфери. На маса веќе има понуда за Бернардо Силва како слободен агент, а Барселона е подготвена да плати повеќе од 100 милиони фунти за Хулијан Алварез, кого го гледа како наследник на Роберт Левандовски во шпицот на нападот. Во таква конкуренција, во која веќе се Ламин Јамал, Рафиња, Феран Торес и Фермин Лопез, за Рашфорд едноставно немало место.
Англичанецот сакал да остане на „Камп Ноу“, но сега Манчестер јунајтед ќе бара ново решение за неговата иднина. Евентуалниот одличен настап на СП 2026 со Англија би можел дополнително да ја зголеми неговата цена на пазарот. Според англиските медиуми, интерес за Рашфорд покажуваат Арсенал, Тотнем и Астон Вила, каде што настапуваше како позајмен играч. Како можни дестинации се споменуваат и Реал Мадрид, Баерн Минхен и Челси. Сепак, голем проблем останува неговата плата од 365.000 евра неделно, поради што Рашфорд можеби ќе мора да прифати намалување на примањата за да обезбеди постојан трансфер далеку од „Олд Трафорд“.
Во слична ситуација се наоѓа и Андре Онана. Голманот, кој минатата сезона беше на позајмица во Трабзонспор и го освои турскиот Куп, нема иднина во Манчестер јунајтед по доаѓањето на Сене Ламенс, но засега е подготвен да се врати на подготовките ако неговиот статус не биде решен во наредниот период.