Барса можела да го купи Роналдо за 17 милиони евра, Лапорта не се кае: Не ни требаше!

Шпанскиот великан Барселона можела да го купи Кристијано Роналдо, пред португалскиот ас да замине од Спортинг Лисабон во Манчестер јунајтед, откри кандидатот за претседател на Каталонците, Жоан Лапорта, кој беше прв човек на клубот од 2003 до 2010 година.

Роналдо, кој е дете на Спортинг Лисабон замина во Манчестер јунајтед за 19 милиони евра, но Барселона можела да го добие за два милиони поевтино, ама Лапорта не сакал да го ангажира, зашто Португалецот бил непотребен во тој момент.

„Тогаш беше рабоата да го потпишеме Рафаел Маркез, а ни го понудија и Роналдо. Всушност луѓето на Маркез ни го дадоа тој предлог. Роналдо сѐ уште беше во Спортинг, а еден од менаџерите тогаш ни посочи дека ќе го имаме за 17 милиони евра, иако потоа го продадоа во Јунајтед за 19. Во тоа време не ни беше потребен, зашто го имавме Роналдињо. Кристијано повеќе играше на надворешните позиции, па таму бевме пополнети и затоа го одбивме, а и не жалам што не го земавме“, вели Лапорта.

Барселона нешто подоцна на сцената го промовираше Лионел Меси, актуелниот најдобар фудбалер на сите времиња на каталонскиот клуб и шесткратен освојувач на „златната топка“, а Роналдо почна да ја гради феноменалната кариера во Манчестер јунајтед и потоа во 2009 година се пресели во Ривалскиот Реал Мадрид, каде стана најдобар стрелец на сите времиња, а освои и четири од петте свои титули во ЛШ, па во 2018 година замина во Јувентус.