Барса може да остане без големото летно засилување: Агентот на Олмо на преговори во Англија

Шпанскиот репрезентативец во текот на летото се врати во својот дом откако во трансферот вреден 55 милиони евра потпиша за матичниот клуб Барселона.

Каталонскиот клуб се соочува со финансиски проблеми, но некако успеа да направи простор во буџетот за плати и да го регистрира новиот фудбалер, па тој беше еден од најдобрите во „есенската“ полусезона. Сега повторно се појавуваат проблеми, Барселона мака мачи како да го регистрира за вториот дел, а рокот за тоа полека истекува. Ако не успее до средината на јануари, Олмо ќе биде слободен да си замине.

Ситуацијата со големо внимание ја следат Манчестер Сити и Арсенал, а дека во приказната има нешто, сведочи денешното присуство во Англија на менаџерот на Олмо, Енди Бара. Тој е во Манчестер каде денеска го следеше дуелот меѓу Сити и Евертон, но британските медиуми тврдат дека се зборувало и за судбината на Олмо.

Најстрашно од се за Барселона е тоа што плејмејкерот може да си замине бесплатно, па клубот ќе остане без 55 милиони евра колку што плати за него летоска.