Барди во Трабзон ќе има плата од 1,5 милиони евра!

Македонскиот репрезентативец Енис Барди, кој денеска дојде на црноморскиот брег за да потпише тригодишен договор со турскиот првак Трабзонспор, ќе има плата од 1,5 милиони евра објавија локални медиуми повикувајќи се на документот КАП, каде е пријавен приходот на македонскиот фудбалер.

Барди во Трабзон доаѓа после пет години во шпански Леванте кој за трансферот добива три милиони евра, а наводно му следуваат бонуси во 15 отсто од следниот трансфер. Барди ќе потпише тригодишен договор и вкупно само од плата ќе заработи 4,5 милиони евра, без дополнителните премии што ќе зависат од успесите со клубот.

Уште завчера, еден од најпознатите турски новинари, Хасан Тунчел објави дека Барди севкупно ќе го чини Трабзон – десет милиони евра. Остатокот од парите најверојатно се бонус за потпис за македонскиот фудбалер и менаџерските провизии кои агентите на фудбалерот ќе ги добијат за посредувањето при трансферот.

Барди попладнево дојде во Трабзон и порача дека е пресреќен што доаѓа во шампионски клуб и дека силно го мотивира шансата да игра во ЛШ, а турскиот првак за пласман во елитата го чека пресметка со дански Копенхаген во завршниот плејоф во следните две недели.