Барди и соиграчите го освоија Мадрид за еуфорија во Барса и Реал (ВИДЕО)

Екипата на Леванте, за која настапува македонскиот репрезентативец Енис Барди, ептен ги израдува фудбалерите на Барселона и Реал Мадрид, откако попладнево, како гостин, го совлада нивниот најголем конкурент за титулата и неприкосновен лидер на табелата, Атлетико Мадрид (2-0).

Тоа е само втор пораз за „јорганчиите“ сезонава во шпанската Ла Лига, по кој остануваат на чело од табелата, но со можност конкурентите да им се приближат со евентуален успех на своите средби од 24. коло. Барди не се запиша во листата стрелци како во одложениот прв меѓусебен дуел, кој се одигра пред само три дена, кој заврши со резултат 1-1, но ги одигра сите 90 минути од натпреварот. Домаќинот напаѓаше, имаше 27 шута од кои 11 во рамки на голот, но ниту тоа не им беше доволно, делумно и поради чудесните одбрани на голманот на гостинскиот тим, Дани Кардењас.

Моралес беше стрелецот на првиот погодок на Леванте во 30. минута, а точка на средбата стави Де Фрутос во петтата минута од судиското продолжение на крајот од мечот. Атлетико Мадрид останува на 55 бодови, но сега од 23 меча, шест повеќе од Реал Мадрид кој има ист број натпревари и девет повеќе од Барселона, која, пак, има одиграно средба помалку.