Азар нема да се пензионира, ќе игра фудбал во родната Белгија

Белгиската ѕвезда Еден Азар кој од летово е без клуб откако ја прекина соработката со Реал Мадрид една година пред истекот на договорот, можно е сепак да не оди во пензија и да се врати во родната Белгија, откако добил понуда од Ројал Унион Сен Жил.

Азар беше на чекор до пензионирање, од таква одлука стравуваа неговите менаџери и семејството, откако низа понуди што ги добил летово, Белгиецот сите ги одбил, како сигнал дека можно е да ја заврши кариерата.

Но, според последните информации сега многу сериозно размислува да се врати во Белгија и да ја прифати понудата на Сен Жил, иако финансиски е таа многу послаба од сите понуди што летово ги имал, а далеку од платата која ја заработуваше во Реал Мадрид.

Азар беше еден од најдобрите фудбалери до доаѓање во Реал Мадрид за преку сто милиони евра од Челси, но тотално се загуби во „кралскиот клуб“, зачестените повреди не му дозволија да фати ритам и да се врати во посакуваната форма, па бомбастичното засилување во 2019 година излезе најголема утка во Мадрид.

Во Белгија моментно играат и двајцата браќа на Еден, Торган кој се врати во Андерлехт, а најмладиот Килијан е дел од Моленбек.