Англиски Хал силно загризал за Барди, ама прашање е дали Чемпионшип е примамлив!

Поранешниот англиски премиерлигаш Хал, кој игра во Чемпионшип сериозно загризал за да го купи македонскиот репрезентативец Енис Барди како засилување за идната сезона, во обид овој клуб да се врати во најелитното друштво на Островот.

Барди после една сезона во турски Трабзон е веќе извесно на излезна врата од ланскиот првак на Турција, па овој клуб на Црното Море чека понуди за да го продаде фудбалерот за врска кој дојде за три милиони евра ланското лето од шпански Леванте после пет години во Ла Лига.

Според информациите од Островот, Хал го посакува Барди како засилување во средниот ред, верувајќи дека ќе донесе дополнителен квалитет во офанзивата и искуство од Ла Лига кое може да биде од голема корист за тимот во обидот да се вратат во Премиерлигата.

Во изминативе неколку дена за Барди се појавија информации дека е заинтересиран ЛА Галакси од САД, како и дека менаџерот на македонскиот репрезентативец веќе донел две понуди од Шпанија од засега неименувани клубови за трансфер на македонскиот репрезентативец.

Барди има желба да се врати во Шпанија каде многу брзо се прилагоди и на фудбалот и на животот, но финансискиот дел може да игра голема улога, а англиските тимови веќе со години се неприкосновени на фудбалскиот пазар, иако прашање е дали Чемпионшип е привлечен за фудбалерот за врска.

Сезонава Дарко Чурлинов одигра премалку за Барнли, кој се врати во Премиерлигата, па сега е пред кам-бек во Шалке на заем, но Езџјан Алиоски имаше три извонредни години во Лидс пред да обезбеди пласман во Премиерлигата, но по една сезона во елитата на Островот, левиот бек како слободен играч замина во саудиски Ал Ахли, а оттаму во Фенербахче.

Барди во Леванте замина по младинското Еуро 2017 во Полска за 1,5 милиони евра од унгарски Ујпешт, а ланското лето за три милиони евра во Трабзон. Барди сезонава даде шест гола за Трабзон од кои пет во турската Суперлига.