
Англиската фудбалска легенда ја доби најголемата чест: Сер Дејвид Бекам!
Прославениот играч на Манчестер Јунајтед од вчера е „Сер Дејвид Бекам“, откако признанието му беше доделено на традиционалната роденденска прослава на кралот која се одржува на 14 јуни. Бекам е 14. на листата на фудбалски работници кои ја добиле титулата „Сер“. На тој список се четири селектори на Англија меѓу кои и претпоследниот Герет Саутгејт, како и легендите на Манчестер Јунајтед, Боби Чарлтон и Алекс Фергусон. Бекам ја доби титулата поради големиот придонес во државата.
„Растејќи во источен Лондон, со родителите, бабата и дедото кои беа големи патриоти и горди Британци, никогаш не можев ни да замислам дека ќе добијам вака големо признание“, рече Бекам.
Титулата ја добива еден месец по неговиот 50. роденден. Во својата играчка кариера, тој настапуваше за Манчестер Јунајтед, Реал, ЛА Галакси, Милан и ПСЖ, а за репрезентацијата на Англија забележа 115 натпревари со што се наоѓа на третото место на вечната листа, зад Питер Шилтон и Вејн Руни.