Андонова со гол го завери финалето на Леванте во Суперкупот на Шпанија (ВИДЕО)

Најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова даде гол за да го запечати финалето на Леванте во шпанскиот Суперкуп за жени, откако девет минути после влегувањето во игра го постигна третиот гол за триумф со 3-1 против Логроњо.

Андонова, која даде два гола во досегашниот дел од сезоната во женската Ла Лига, погоди денеска во 73-та минута, девет минути по влегувањето во игра на местото на Бианини, па постигна гол со кој ги урна сите надежи на противникот дека може да се избори за продолженија.

Логроњо поведе во 28-та минута преку Бохо Сајо, а Гонзалез Родригез израмни во 34-та, па Наваро по еден час игра ја донесе првата предност и потоа Андонова го завери финалето.

Леванте утре ќе го дознае противникот во битката за пехар, во пресметката на женските тимови на Барселона и Атлетико Мадрид.