Анчелоти потврди: Талентот на Реал Мадрид се врати - подготвен е да игра!

Еден од најголемите таленти на денешницата, 18-годишниот Турчин Арда Ѓулер, подготвен е да се вмеша во составот на Реал Мадрид за следните натпревари.

Откако пропушти дел од подготовките и стартот на сезоната, тинејџерот сега веќе можел да одговори на задачите, пренесе Карло Анчелоти, во пресрет на утрешната средба со Лас Палмас, во вонредното коло од Ла Лига.

„Ѓулер ни се врати. Можеби му треба малку повеќе кондиција, минутажа, но тоа е нормално по ваква пауза. Секако, му треба време и да се навикне на играта и да се зближи со соиграчите. Меѓутоа тој покажа досега дека е еден голем талент, тоа е чиста генетика“, рече Анчелоти.

Тинејџерот кој дојде во Реал летово за 20 милиони евра од Фенербахче, заработи повреда на менискус, во последните денови од јули, па мораше да се врати од подготовките на Реал во САД за да му биде извршена операција. Уште тогаш импресионираше на тренинзите, а сега ќе има шанса да се покаже на официјални натпревари.