Алварез во Атлетико се појавил со потврда дека страда од депресија

Аргентинскиот фудбалер Хулијан Алварез ова лето му задава вистински главоболки на својот Атлетико Мадрид бидејќи продолжува да инсистира на трансфер во Барселона, додека „јорганџиите“ не сакаат да го пуштат во еден од своите најголеми ривали во Шпанија. 

Алварез сака исклучиво во Барселона, а на почетокот на подготовките одбиваше да тренира, со желба да издејствува трансфер. Атлетико, пак, по секоја цена не сака да го продаде во редовите на ривалот. „Јорганџиите“ прифатија и понуда од Арсенал, меѓутоа Аргентинецот не сака да оди во Англија и сега во клубот се појавил со лекарски наод во кој пишува дека страда од депресија.

Алварез три дена по ред не тренира со екипата, па така продолжува сагата која трае цело лето, но сега Аргентинецот се погрижил да има и покритие за своите отсуства од тренинзите.

Наводната депресија дошла по конфликтот со челниците на клубот, на кои, наводно, низ солзи им порачал дека подобро би заминал во пензија отколку да прифати уцена.

Неофицијални извори од Шпанија велат дека Алварез за време на разговорот доживеал нервен слом и напад на паника. Тој исто така порачал дека повеќе никогаш нема да го облече дресот на Атлетико, со кој има договор на уште четири години.

Фото: Atlético de Madrid/X