
Алонсо ќе користи вештачка интелигенција за да спречува повреди во Реал Мадрид!
Шпанскиот стратег, кој летово седна на клупата на „кралскиот клуб“, веднаш по потпишувањето на договорот побарал во тренинг-процесот да се интегрира системот „ТермоХјуман“. Станува збор за алатка што со помош на термални камери и софтвер со вештачка интелигенција открива промени во температурата на телото кои можат да укажат на ризик од повреда. Играчите се снимаат со специјална камера, а алгоритмот ги анализира и споредува снимките со голема база на податоци, идентификувајќи можни дисбаланси или преоптоварувања.
Алонсо веќе работел со оваа технологија во Баер Леверкузен, а таа ја користат и клубови како Астон Вила и Ница. Според стручното објаснување од Реал, иако „ТермоХјуман“ не е медицинска дијагностичка алатка и не може целосно да ги елиминира повредите, таа дава вредни показатели за состојбата на телото и помага во превентивната работа на стручниот штаб.
Реал Мадрид минатата сезона беше погоден од бран повреди — вкупно 51, од кои 37 мускулни, што сериозно влијаеше на резултатите. Алонсо верува дека со комбинација на технологија и стручна анализа, бројката ќе може значително да се намали.