Алиоски: Имам(е) посебен тренер, кој не ни дава да помислиме дека има – лесен меч!

Македонскиот репрезентативен лев бек Езгјан Алиоски му даде гол на Хадерсфилд викендов во победата со 2-0 за шеста победа во низа на Лидс, кој влезе во страшна форма во трката за пласман во Премиерлигата после деценија ипол чекање да влезе во елитното друштво во Англија.

Алиоски за англиските медиуми ја посочи тајната на успехот на Лидс, а таа е – Марсело Биелса. Аргентинскиот „лудак“ го препороди Лидс, па после ланскиот неуспех во завршницата за премиерлигашка виза, сега овој клуб е еден од главните фаворити да биде дел од елитното друштво. И како е да се работи со Биелса, открива Алиоски, посочувајќи им на сите навивачи дека – и не е баш лесно.

„Тајната на успехот е едноставна – Марсело Биелса. Тајната е во тоа колку сериозно пристапуваме секој ден да работиме под негова палка. Се работи за тоа колку нè прави смирени, нè прави да не помислуваме да се радуваме премногу после шест победи во низа. И тоа не е лесно, тешко е тоа. Кога влегуваш во победничка серија лесно може да се се почувствуваш моќен, имаш преголема самодоверба, а баш таа може да те 'натера' да згрешиш. Ние имаме посебен тренер, кој работи со тимот и не ти дава шанса да помислиш дека некој меч ќе биде лесен. А, ние само со наведнати глави работиме напорно и само работиме. За мене, тајната е таа – тренерот“, вели Алиоски.

Македонскиот репрезентативец посочи дека е среќен што дал гол, ама додаде дека додека на сите им изгледа „лесна работа“ серијата од шест порази, во реалност приказната е друга.

„Луѓето острана гледаат и мислат лесно е, ама никој не знае колку напорно работиме за да имаме шест победи во низа. И ќе продолжиме да одиме меч по меч, така работиме, тоа е философијата. Тоа што дадов гол ме прави многу среќен, зашто секој играч е среќен кога ќе придонесе со гол за победа, ама многу е важна победата без примен гол, посебно за нас дефанзивците, што е доказ дека добро сме одработиле во одбрана. Добро е кога ќе дадеш гол кога ќе се вратиш од повреда, но најважно на крајот секогаш е – победата!“, додава Алиоски.