„Алиоски е нашата мотивација и инспирација, нè турка сите да бидеме подобри“

Македонскиот репрезентативен лев бек Езгјан Алиоски, кој многу повеќе е крило одошто бек, во последните два меча беше клучен фудбалер на Лидс за да се освојат четири бода, со гол против Фулам во клучен момент за триумфот со 3-0, како и со асистенција за ремито со Лутон (1-1), во трката на овој англиски клуб за враќање во Премиерлигата.

Лидс е на вистинскиот пат после деценија ипол да биде повторно дел од англиската елита, а соиграчите на Алиоски се воодушевени од неговата енергија, па во него гледаат мотивација и пример како треба сите да се однесуваат во период кога нема поддршка од навивачите, како адут повеќе кога играат на домашен терен.

„„Очигледно дека добро работел за време на карантинот, човекот е во страшна кондиција. Ги погледнав статистиките од ГПС-от и инспиративно е колку тој работи. Едноставно нè турка сите да бидеме подобри. Јас сам знам дека штом тој толку трча и има страшни бројки, ќе морам и јас да го направам истото. Тој е како мотор на целиот тим“, вели Џек Херисон.

За Херисон, Алиоски е клучен играч, од причина што постојано е подготвен до последна капка пот да даде сè за тимот, без оглед дали е во првиот тим или резерва.

„Џани е постојано енергичен, цело време трча, им прави проблеми на противниците. Тој е нешто огромно што го имаме како адут во тимот, посебно зашто многу сака да оди во напад, сака да напаѓа и погледнете ги последните два меча, неговиот импакт врз тимот е неверојатен. За нас е клучен играч, зашто на сите нас ни покажува колку треба да си енергичен и спремен во секој момент, без разлика дали си стартер или резерва. Покажува дека секој играч е важен за тимот, без оглед кога ќе игра и колку минути ќе добие“, додава Херисон.

Според најавите на англиските медиуми од Јоркшир, Алиоски денеска треба да биде стартер кај Марсело Биелса, првпат во пост-корона ерата, како награда за извинредните два настапи во последните два меча.