Ајакс го избрка тренерот, се враќа Тен Хаг!?

По синоќешниот дебакл од Галатасарај во Лигата на шампионите, раководството на Ајакс ја прекина соработката со тренерот Џони Хејтинга, 18 месеци пред истекот на неговиот договор.

Тимот од Амстердам се наоѓа на петтото место во холандското првенство и на дното од Лигата на шампионите, па менаџментот немаше друг избор, освен да го избрка Хејтинга. Тој е жива легенда на клубот, таму ја почна играчката кариера уште на 17 години, а летово го презеде како тренер, во надеж дека ќе го врати на шампионските патеки. Тоа не се случи и тој неславно го завршува првиот ангажман како главен тренер на една екипа.

Веднаш почнаа шпекулациите кој би можел да го замени. Фаворит е Ерик Тен Хаг кој беше тренер на Ајакс од 2018 до 2022 година и со клубот освои три титули во првенството, две во Купот на Холандија и го донесе до полуфиналето од Лигата на шампионите кога секунди го делеа од пласман во големото финале во двомечот со Тотнем.

Од заминувањето на Тен Хаг во 2022 година, Ајакс смени петмина тренери и со ниеден од нив немаше среќа.