
Воска го напушти теренот, а сега најави нов скандал – напуштање на Првата лига (ВИДЕО)
Причина за драматичната закана се, како што тврди клубот, континуираните судиски неправди, кои, според нив, кулминирале на натпреварот против Вардар.
„Размислуваме дали има смисла да продолжиме да играме во оваа лига,“ соопшти Воска, оставајќи отворена можност за повлекување од шампионатот.
Оваа изјава предизвика бурни реакции во јавноста и отвори сериозни прашања за регуларноста на домашната лига. Повод за најновиот протест беше дуелот со Вардар во 28. коло, кој беше прекинат во второто полувреме при резултат 1-1, откако фудбалерите на Воска го напуштија теренот во знак на револт. Натпреварот официјално ќе биде регистриран со службена победа за Вардар од 3-0. Клубот од Охрид објави видео-материјали со кои, според нив, се потврдува дека биле сериозно оштетени од страна на судиите. Најспорни моменти, според нив, се: поништен регуларен гол, недосудена игра со рака на противникот во слична ситуација, пенал кој не беше досуден по контакт врз нивен фудбалер, признат гол за Вардар иако, како што тврдат, топката не ја мина линијата.
„Ова не е изолиран случај, ова се случува цела сезона. Овие одлуки не се само грешки – тие му нанесуваат штета на првенството“, се наведува во реакцијата на клубот.
Воска во моментов се наоѓа на последното место на табелата со 22 освоени бодови. Одлуката за можно повлекување од лигата ќе биде донесена во следните денови од страна на клупското раководство.