Во понеделник премиера на филм за Дарко Панчев - Патот на Кобрата до ѕвездите!
Филмот со наслов „Патот на Кобрата до ѕвездите“ е во соорганизација и копродукција на регионалната телевизија Спортклуб, Спортско радио 90.3 и Спорт Нетворк Продукција, која пред шест години сними документарен филм за најтрофејниот македонски клуб Вардар за 70-годишнината од постоењето на црвено-црните, во која главен наратор беше токму Панчев.
Генерален покровител на филмот е Универзитетот Скопје, каде заутре од 12 часот ќе се одржи прес-конференција како најава за премиерата за филмот за македонската „Кобра“.
Панчев остави неизбришлив белег во југословенскиот фудбал и на почетоците на македонскиот фудбал од независноста како прв капитен на националната репрезентација. Уште како тинејџер беше најдобар стрелец во бивша СФРЈ и сѐ уште е рекордер според возраста до која стигна до титулата најдобар голгетер, а потоа со Вардар ја освои титулата во 1987 година, со Ц. Звезда дојде до европската и светската титула во 1991 година, а во таа година ја освои и „златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа и беше „сребрена топка“ во изборот на „Франс Фудбал“.