Виртуелен ОФС партиципира со дури три делегати во Собранието на ФФМ

ОФС Валандово според начинот на функционирање не се разликува многу од повеќето локални фудбалски сојузи во државата, но сепак, на некој начин е прототип, чија „работа“ ја имаат пресликано многу негови браќа по методот на делување.

Спортските работници Стојан Стојанов, Васил Аџиев, Андон Тодоров, Миле Боев, Златко Зафиров, Трајче Невеселов ни испрстија писмо во кое детално е објаснето како ФФМ прави нелегитимно Собрание во ОФС Валандово...

Во оваа „најфудбалска“ општина, на хартија, според ОФС функционираат дури 18 клубови (а реално се само три), а има регистрирано над 600 фудбалери што претставува повеќе од 5% од населението во општината! Регистрирани се клубови од рурални села, каде речиси и да нема население, а во други мали средини со по 300 жители „се натпреваруваат“ дури по два клуба!

Речиси ниту еден од ваквите измислени клубови нема одржано Собрание над 10 години, затоа што реално не постојат, а на квази собранието на ОФС Валандово листата на „делегати“ им служи за потсмев на познавачите на фудбалот и спортот! Во работата на ваквиот виртуелен ОФС, на кого изгледа му веруваат само во ФФМ, од чисто лукративни причини блокирано им е учеството на познати спортски работници, поранешни фудбалери, тренери со лиценца и судии со републичка категорија, а наместо нив на Собранието, како клупски делегати кои му даваат „легитимитет“ на ваквиот ОФС се роднини, пријатели, комшии и луѓе кои немаат никаква допирна точка со спортот и фудбалот!

Симптоматична е и судиската организација при ОФС, каде што учествуваат млади, штотуку промовирани фудбалски судии, а еминентни судии со категорија што пред некоја година ја завршија активната кариера, едноставно се тргнати на страна од актуелните мешетари во ОФС. Во услови кога од раководството на ваквото ОФС Валандово нема ниту отчет за сработеното, ниту реален финансиски извештај, а за статутарните аномалии не треба ни да се зборува, тие си продолжуваат нелегитимно да си го водат виртуелниот ОФС, партиципирајќи со дури тројца делегати во Собранието на ФФМ кои немаат никаков легитимитет. Според тоа, изборното Собрание на ОФС Валандово кое што се одржа неодамна, се коси со еден куп статутарни норми, со бројни правни, организациски аномалии и е потполно нелегитимно, а со тоа и тројцата делегати во ФФМ избрани на ваков начин се нелегитимни да одлучуваат на изборното Собрание во ФФМ.