Вилијан Лира: Среќен за дебито со голови, ќе дадам сè за да ја оправдам довербата!
Вардар со 6-0 го победи Работнички во последниот тест пред гостувањео во Ереван кај Пјуник, во првиот меч в четврток од 16 часот по македонско време во првото коло од квалификациите во Лига Европа. Лира треба да биде еден од адутите на Бобан Бабунски за успешно да се мине гостувањето во Ерменија.
„Секој играч посакува кога ќе дебитира за еден клуб - да почне со победа. Драго ми е што на мојот прв настап за Вардар, прво дојдовме до триумф, а второ среќен сум што на мојот прв настап постигнав два гола. Се надевам дека ќе продолжам во ист стил и на следните официјални натпревари. И после потписот со Вардар реков дека на секој тренинг и на секој натпревар ќе дадам сè од себе да се наметнам и да ја оправдам довербата со голови и со добри игри“, вели Вилијан Лира, за клупската интернет-страница.
Лира веќе неколку дена е во Скопје и посочува дека многу му е драго што е дел од Вардар.
„Првите импресии ми се одлични. Добро сум примен од соиграчите и полека се вклопувам во новиот клуб. Се работи на професионално ниво, се бара секогаш доминација во играта, креирање шанси и се разбира секогаш да се атакува на победа. Драго ми е што станав дел од овој клуб, сега останува добро да се подготвиме за следните предизвици и секој да даде максимум за клубот да бележи успеси на сите полиња“, додава бразилскиот напаѓач.
Со Лира во Вардар пред дедлајнот за пријавување на играчи во УЕФА, дојдоа и Николас Херанц, кој е првиот Аргентинец што го облекол „црвено-црниот дрес“ и „Финецот“ Коста Манев.