Флик како никогаш досега: Ла Лига има добри судии - и потоа доаѓа овој лик
На „каталонците“ им беа поништени три гола и еден пенал што предизвика револт во нивните редови. Таквата ситуација го изнервира дури и Ханси Флик кој обично не го коментира судењето, а и сега вината, главно, ја бараше во своите редови. Сепак, не можеше да го издржи однесувањето на еден од најконтроверзните шпански арбитри Хесус Хил Мансано.
„Ла Лига генерално има добри судии, а потоа се појавува овој лик. Читав некои коментари за него непосредно пред овој натпревар и јасно е дека сите знаат каков е. Тој е арогантен, се согласувам со Френки, всушност повеќе од арогантен. Ова се истите момци што ни го направија истото минатата сезона на овој стадион, нели? Исти се и во ВАР собата, нели? Одлично си ја завршија работата, нема проблем. Мора да комуницирате со судиите, но со него тоа е едноставно невозможно“, рече Флик.
Минатата сезона на истиот стадион на Барса ѝ беше поништен гол, постигнат од Левандовски поради наводен офсајд кој предизвика контроверзи затоа што при ВАР снимката изгледаше дека Полјакот има стапало што одговара на обувки со број 70. Во ВАР собата тогаш беше вчерашниот главен судија.
Хил Мансано е познат по тоа што во својата кариера им дал црвени картони на сите ѕвезди на Барселона: Меси, Суарез, Нејмар, Левандовски..., а Жерард Пике на својот последен натпревар го однесе каде што не треба, искажувајќи му в лице низа најдолни навреди.