После четири меча без пораз Вардар излезе од резултатски кризниот период, па успеа вторпат на гостувањата во оваа 2020 година да го освои Велес и да му се реваншира на Борец за поразот во Скопје на стартот на сезоната, со триумфот со 2-0 со кој црвено-црните зачекорија во посигурната зона после ова 12-то коло во Првата лига.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Велес можеби е неосвоива тврдина за сите прволигаши освен за Вардар, откако најтрофејниот клуб вторпат во оваа 2020 година победува на домашниот терен на Борец. Во февруари годинава им прекина серија од десет меча без пораз на свој терен, а сега од шест меча, па црвено-црните и со доста лоша игра, стигнаа до голем триумф кој ќе им донесе малку помирен период барен на фудбалски план, зашто на финансиски нервозите не запираат.

Фудбалски Борец денеска не заслужи да загуби според играта и шансите, ама кога нема реализација, брутална е казната и Вардар тоа го направи преку Јован Попзлатанов на 11 минути пред крајот и преку Матеј Цветановски во 91-та минута за на најтрофејниот клуб во тешката година со многу неизвесности да ги израдуваат своите навивачи со четвртиот триумф сезонава.

Вардарци до клучниот период имаше само една зрела шанса во два обиди на Чарлстон во првиот дел, кога кристијан Ефремов во двата обиди спречи чист гол на гол-линијата по корнер на Дарко Мицевски (прво со глава, потоа со нога), па се до клучните 11 минути пред крајот, сѐ беше во знакот на велешани. Никола Прелчец и Оливер Пеев имаа зицери за чист гол кои ги промашија во првиот дел, Марјан Ристовски имаше две извонредни шанси во вториот, погоди и дирек, Ѓорѓи Горѓиев во зицер пред крајот промаши цел фудбал барем за бод, па кога сите шанси на велешани нема да ги искористат, казната им дојде за наплата.

Бојан Најденов со извонредна асистенција му овозможи на Попзлатанов да погоди за водство, а стрелецот на голот потоа му асистираше на Матеј Цветановски за да го завери триумфот по кој Вардар со 16 бода сега се искачи на шестото место со исто бодовно салдо како и Струга Трим Лум, додека Борец остана четврти со 19 бода.