Васоски: Се извинувам за тешкиот пораз, ама што треба да направиме за да ни свирнат пенал?

Најтрофејниот македонски клуб Вардар денеска доживеа нова катастрофа откако загуби со 1-5 од Шкендија во дербито на деветото прволигашко коло, втор најтежок пораз сезонава после тој со Силекс со 0-4, по што тренерот Александар Васоски им се извини на навивачите за катастрофата, истовремено посочи дека црвено-црните се сериозно оштетени од судијата Марјан Гоцевски, кој делеше правда на мечот.

Македонската гордост ја преживува веројатно најголемата криза, едвај скрпи тим за да игра, квалитативно е далеку од дел од ривалите, па поразот од Шкендија и не е изненадувачи, ама...

„Не сакам да барам оправдувања и алибија, денеска доживеавме тежок пораз и јас им се извинувам на сите навивачи на Вардар. Поразите се составен дел, но денеска се што имавме како шанса не го искористивме, за разлика од Шкендија која се што имаше како шанса го искористи. Ама, повторно имаме одлуки на директна штета на Вардар, три недосудени пенали, гол на Шкендија од офсајд... Директно сме оштетени! Што треба да направиме за да ни се досуди пенал?“, вели Васоски.

Вардар брутално беше казнет од Шкендија во првиот дел, во кој тетовци не ги надиграа скопјани, дури во одреден период беа и во подредена улога, ама направија пресврт од два моменти, а кога Бесарт Ибраими погоди третпат по еден час игра, се распадна концепцијата и на крај се заврши со – убедлив пораз.

„Кога поведовме со 1-0, имавме шанса за 2-0 и не дадовме гол, па Шкендија од ништо не казни. Зборувавме и пред мечот, посебно укажувавме на дефанзивците да стојат поблиску до нивните играчи, но ете една мала грешка Шкендија знаеше да ја казни. И потоа кога тргнавме пак во напад, кога напаѓавме имаше пенал(и) врз Попзлатанов и Мирчевски, но не добивме ништо и пак од никаде, од нова мала грешка Шкендија ни даде и втор гол. Имавме и трет пенал, Шкендија даде трет гол од офсајд. Ја видов ситуацијата, чист офсајд. Драстично сме оштетени, а Шкендија е силна и секоја грешка знае да ја казни. После тоа паднавме психички, не сме ние екипа која може да држи резултат, го видовме тоа и во Битола. Поразите се составен дел од спортот, ова е тежок пораз, јас се извинувам, ама... Се тоа што ние не го искористивме, Шкендија го искористи од своја страна“, додава Васоски.

Настрана поразот од Шкендија, Вардар веќе подолг период живее во неизвесност, нема ниту најава, ниту одбид за да се консолидира клубот, а повторно револтот кај фудбалерите е голем поради беспарицата...

„Нормално е револтот да е голем. Вардар е оставен како бездомник, оставен сам да плива во некои нејасни води и никој ништо не презема. Добивме ветувања од градоначалникот дека ќе помогне, но нема ништо. Сето тоа сите дополнително психички не оптоварува“, потенцира Васоски.