Васоски: Овој тим има карактер, продолжуваме да играме на секој меч како да е последен!

Вардар брзо се врати по елиминацијата од Купот и шокантните случвања во Тетово со Шкендија, нешто што во изминативе две години секојпат се покажувало како проблематично и најавувало „криза“ во таборот на црвено-црните, но актуелниот лидер со убедлива игра, „мал милион шанси“ и два гола ѝ одржа фудбалска лекција на Ренова за да избега на пет бода на врвот на табелата на пет кола до крајот на есенскиот дел од сезоната.

Тренерот на Вардар, Александар Васоски по новиот триумф, деветти сезонски во 13-те кола досега, посочи дека неговите избраници покажале дека имаат карактер и дека брзо може да заборават на пораз и тоа што се случуваше во Тетово, за да се вратат на триумфите и да продолжат да чекорат кон остварувањето на целта.

„Ние пред овој меч со Ренова не ни разговаравме за тактика. Сè беше насочено само психолошки да бидеме на ниво. И после еден пораз од Шкендија со кој сме елиминирани од Купот, играчите покажаа карактер. Тоа ми дава уште поголема мотивација. Можам да кажам само дека оваа група и сите дечки се големи карактери и дека можат сето тоа што се случуваше во Тетово фудбалски брзо да го заборават. Мене како тренер ми е важна победата, ама важно е и начинот на кој стигнавме до неа, и тоа доминантно во секој фудбалски параметар. Огромно е задоволството кај мене од тоа како игра тимот во моментов. Јас сум презадоволен од сите – буквално од сите. Сега се надевам дека со вакво темпо ќе продолжиме и во последните пет меча и дека ќе бидеме есенски прваци“, вели Васоски.

Прва виолина на овој тим на Вардар е Даниел Аврамовски, од кого буквално сè зависи. Денеска даде еден гол, од негова акција Вардар го запечати триумфот во финишот, а бившиот младински репрезентативец веќе стигна до осум гола во 13 кола и тоа иако не е по профил – вистински центарфор.

„Аврамовски не е само најекспониран фудбалер во Вардар, туку во целата Прва лига. А, таа позиција што ја има како централен напаѓач му одговара ептен, зашто секогаш знае да го осети просторит што го остава дефанзивната противничка линија. Јас сум многу задоволен што тренирам еден ваков фудбалер. Но, би сакал да посочам уште неколкумина поискусни како Брдаревски, Најдовски, Мицевски, кои се темел на овој Вардар и младите фудбалери со нив многу побрзо созреваат. Ние продолжуваме да играме на секој меч како да ни е последен за да ја оствариме зацртаната цел – шампионска титула!“, додава Васоски.

На пет кола до крајот на првиот дел од сезоната Вардар го чекаат три гостувања и две дербија дома. Веќе идниот викенд прва пречка е Струга Трим Лум пред двонеделната репрезентативна пауза, а потоа следуваат пресметки со Шкупи и Шкендија на Националната Арена и гостувања кај Силекс и засега директниот конкурент за есенската ктуна Академија Пандев.

„Имаме уште пет меча до крајот од кои три се гостински и за нас традиционално незгодно гостување е Кратово, па и Академија Пандев, а плус гостуваме во Струга, која ѝ денеска покажа (реми на Чаир – н.з.) дека е екипа за респект. Но, ние одиме од меч во меч и на секој ќе бидеме максимално фокусирани за да ја оствариме зацртаната цел“, заврши Васоски.